Во овој дел се дадени повеќе линкови до релевантните институции, кои водат статистички бази за Република Македонија. Тоа се Државниот завод за статистика, Централен регистар на Република Македонија, Народната Банка на Република Македонија и Министерсво за финансии на Република Македонија. Секако релевантни се и европските бази на Еуростат, но и базите кои ги водат WIIW, UNIDO, WB, UNCTAD итн.
Државниот завод за статистика е стручна и самостојна организација во рамките на државната администрација во Република Македонија. Основни функции на институцијата се прибирање, обработка и дисеминација на статистички податоци за демографските, социјалните и економските појави во македонското општество. Државниот завод за статистика е основен носител и координатор на статистичкиот систем на земјата, тој е одговорна институција за меѓународната соработка во областа на статистиката, како и за дефинирање на статистичките методологии и стандарди и за обезбедување заштита на индивидуалните податоци што се прибираат од индивидуални лица и од правни субјекти.
Централен регистар на Република Македонија согласно закон е централна информативна база на правни и друг вид релевантни податоци, кои согласно со овој или друг закон или со договор се внесуваат во него.
Во Централен регистар на Република Македонија се водат следните регистри: Трговски регистар и регистар на други правни лица; Регистар на годишни сметки; Заложен регистар; Регистар на лизинг; Регистар на вложувања во недвижности; Регистар на права врз недвижности; Регистар на директни инвестиции; Регистар за забрана за вршење дејност; Регистар за казни на правни лица; Фидуцијарен регистар; Регистар за продажба со задржување на право на сопственост.
Во делот јавно достапни статистички податоци на Централниот регистар се наоѓаат основни (агрегирани) податоци за граѓански организации и деловни субјекти и тоа:
– Збирни податоци – трговски и други правни лица и годишни сметки – 2015
– Збирни податоци – трговски и други правни лица и годишни сметки – 2016
– Збирни податоци – трговски и други правни лица – 2017 година
– Листа на граѓански организации
Народната Банка на Република Македонија, е основана со Законот за Народната банка на Република Македонија, и нејзина основна цел е постигнување и одржување на ценовната стабилност, како и да придонесува кон одржување на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем.
Народната банка ја поддржува општата економска политика без да го загрози остварувањето на основната цел и во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција.
За остварувањето на предвидените цели, Народната банка врши повеќе задачи, меѓу кои и прибирање и изготвување статистички податоци заради извршувањето на задачите согласно со закон, кои вклучуваат и основни економски показатели и екстерна статистика (Платен биланс Oфицијални девизни резерви и девизна ликвидност, Меѓународна инвестициска позиција, Директни инвестиции, Портфолио инвестиции (КППИ), Надворешно-трговска размена, Надворешен долг, Eфективен девизен курс (РЕДК)
Министерството за финансии има цел преку успешно управување со јавните финансии да се постигне повисок економски раст и подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните на Република Македонија.
Министерсво за финансии на Република Македонија води посебни статистички прегледи кои вклучуваат – макроекономски индикатори и проекции, краткорочни економски движења, квартални економски извештаи.
Исто така, превидено е во идниот период, да се направи краток статистички преглед за индустријата, базирани на податоци од Државен завод за статистика, кој континуирано ќе се ажурира.